Коман повторно беше кобен за својот поранешен тим, Милан оди на реваншот во Лондон со гол предност (Видео)

Фудбалерите на Баерн Минхен го совладаа ПСЖ на „Паркот на принцевите“ со 0:1 во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите. Стрелец на единствениот гол беше Кингсли Коман, кој повторно беше кобен за својот поранешен тим. Имено, Коман го постигна единствениот гол и во финалето на ЛШ што се играше пред три години во Лисабон и во кое Баерн дојде до петтата европска титула.

Тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, го изненади противничкиот тренер, и дуелот го започна со поинаква формација од таа што досега ја практикуваше, со тројца стопери во одбраната и со засилен среден ред кој му донесе доминација во поседот на топката.

Тоа посебно беше видливо во првиот дел кога играчите на Баерн дури 60 отсто од времето ја имаа топката во своите нозе, но и покрај тоа не направија ниту една посериозна шанса. Eдинствена закана за Светците беше шутот на Кимих во 43-та минута кој го одбрани Џанлуиџи Донарума.

https://twitter.com/i/status/1625605527072808970

Офанзивната игра на баварците вроди со плод на стартот од второто полувреме, во 53-та минута кога поранешниот играч на ПСЖ, Кингсли Коман го постигна единствениот гол на натпреварот. Алфонсо Дејвис нафрли од левата страна, топката ја пречека Коман кој со одличен шут од 15-тина метри го совлада Донарума.

Тренерот на ПСЖ, Кристоф Галтие, потоа го уфрли во игра Килијан Мбапе по што Светците беа далеку поопасни по голот на Зомер. Токму Мбапе постигна два гола, кои судијата ги поништи поради офсајд, првиот во 74-та минута, а вториот во 82-та минута.

Во финишот, Светците тргнаа на се или ништо, создадоа неколку шанси, преку Меси, Мбапе, но не успеаја да го совладаат Јан Зомер и во реваншот во Минхен ќе бркаат негатива од еден гол.

Во вториот осминафинален натпревар, Милан со 1:0 го совлада Тотенхем.
Росонерите поведоа на самиот старт од средбата, во седмата минута преку Брахим Дијаз кој со 23 години стана најмладиот стрелец на Милан во нокаут-фазата од Лигата на шампионите по Рикардо Кака од 2004 година.

 

- Оглас -

Најнови вести