Комеморацијата за Коби Брајант на истото место каде што беше и за Мајкл Џексон, датумот е со посебна симболика

„Стејплс центарот“, кој точно 20 години беше спортски дом на Коби Брајант, ќе биде местото на кое на 24 февруари ќе се одржи комеморација во чест и сеќавање на еден од најдобрите кошаркари на сите времиња. Брајант трагично го загуби животот во хеликоптерска несреќа на 26 јануари, кога леталото се сруши на 50-тина километри од центарот на Лос Анџелес. Покрај Коби, во хеликоптерот беше и неговата 13-годишна ќерка Џана и уште седуммина. Сите загинаа.

Засега во најстрога тајност се чува датумот кога ќе биде погребот на Коби и Џана, а „Лос Анџелес тајмс“ пишува дека комеморацијата веќе е договорена за 24 февруари. Иако постоеше опција комеморацијата да биде на стадионот „Моморијал колосеум“, кој собира 80.000 гледачи, сопругата на Коби, Ванеса Брајант, реши дека е најдобро тоа да се случи на местото на кое тој помина 20 години, речиси половина од својот живот.

И датумот на комеморацијата да е 24-ти не е случајно избран. Во половина од својата кариера, Коби го носеше дресот со број 24, а неговата ќерка Џиџи го носеше бројот 2, па комеморацијата е на 24.02.

Во „Стејплс центарот“ ќе има место за 19.000 посетители, а оваа арена нема да биде првпат „домаќин“ на комеморација. Во 2009 година арената беше место за собир во чест и сеќавање на Мајкл Џексон.

 

- Оглас -

Најнови вести