Фудбалската федерација на Македонија ја продолжи тригодишната соработка со Комерцијална банка, која и понатаму го поддржува македонскиот фудбал и по тој повод се одржа прес-конференција на тренинг-центарот „Петар Милошевски“.
„Фудбалот е спорт кој го обединува целиот свет, за една недела целиот фокус ќе биде на Европското првенство, а Комерцијална банка со задоволство објавува дека останува горд партнер на фудбалската репрезентација на Македонија и на македонскиот фудбал“, рече претставникот на Комерцијална банка, Никола Џамбазовски, кој доби подарок дрес од репрезентацијата со неговото презиме.
Изјава даде и голманот Столе Димитриевски, кој е капитен на тимот во отсуство на Енис Барди.
„Во фудбалот секогаш е потребен квалитетен соиграч, партнер кој дава дополнителна вредност и поддршка за тимот. Сите во националниот тим се горди што Комерцијална банка ќе биде наша поддршка и во наредниот период“, рече Димитриевски.
На церемонијата покрај Димитриевски, присуствуваа уште неколку А репрезентативци, како Елиф Елмас, Бојан Миовски, Агон Елези.