Навивачката група Комити Запад организираат марш во чест на Вардар. Комити преку закажување настан на „Фејсбук“ повикуваат сите кои се во можност да присуствуаат на маршот на кој воедно ќе се слави и роденден на клубот, односно 73 години постоење на ФК Вардар.
Маршот исто така ќе биде апел за спас на клубот кој е во проблеми по смената на раководството и отстапувањето на Сергеј Самсоненко на чело на Вардар.
Настанот кој го организираат Комити го пренесуваме во целост:
„На денот на нашиот роденден го најавивме Маршот за Вардар. Го закажуваме за 22-ри јули, точно 47-миот ден по нашиот роденден, денот кога формално правно во 1947-ма, со фузија на тогашните фудбалски клубови Победа и Македонија е настанат Фудбалскиот Клуб Вардар.
Ги повикуваме сите којшто на било кој начин учествувале во неговото создавање и градење…Повик до сите оние кои ги бранеле и бранат на било кој начин неговите бои, поранешни и актуелни – играчи, стручен штаб, спортски работници, функционери, секретари, претседатели, Членови на управни и надзорни одбори, членови на Собрание на клубот, спонзори, финансиери, градоначалници на Скопје и пратеници на Собранието на Град Скопје, раководители и делегати од ПУИГ… Повик до сите оние кои барем еднаш биле на Градски стадион, за да го гледаат Вардар, љубители на фудбалот и црвено црните бои, симпатизери, фанови, навивачи, Ултраси, Вардарци, Комити, Македонци и сите останати на кои Вардар им е при срце… Повик до сите здруженија, спортски, културни работници, уметници, патритски и други здруженија, слободни граѓани… Припадници на сите политички партии, заедно еден до друг, да заборавиме на политика барем еден ден, и да се сплотиме за една големина позади која се идентификува голем дел од Македонскиот народ. Сите заедно затоа што Вардар е срцето на Скопје, душата на Македонија! Да одвоиме еден час од своето време и заедно да зачекориме сите ние, од разни сфери на општеството, од Скопје, од Македонија – само и единствено – За Вардар! Маршутата дополнително ќе биде објавена“.