Винсан Компани го наследи Томас Тухел на кормилото на Баерн Минхен и веднаш се зафати со активностите околу засилувањата што треба да се доведат на „Алијанц арената“ во летниот преоден рок. Една од неговите најголеми желби е Бруно Фернандеш, португалскиот репрезентативец и капитен на Манчестер јунајтед.
Германските медиуми пишуваат дека ќе има сериозни промени во соблекувалната на Баерн и дека Компани веќе има список со посакувани нови имиња.
„Сакам играчите на Баерн да бидат храбри на топката, да имаат идентитет. Сакам тимот да биде агресивен, да ги претставува тие две работи“, изјави тој на првата прес-конференција кога беше претставен.
Германскиот весник „Билд“ пишува дека негова прва желба е капитенот на Манчестер јунајтед, Бруно Фернандеш (29), кој е фантастичен офанзивен играч за врска кој изминатите години е една од ретките светли точки на „Олд Трафорд“. Тој пристигна пред повеќе од четири години за 65 милиони евра од Спортинг Лисабон.
Оттогаш 233 пати го има облечено дресот на Црвените ѓаволи, постигна 79 гола и забележа 66 асистенции. Се очекува Манчестер јунајтед за него да бара отштета повеќе од 100 милиони евра.