Ждрепката за групната фаза од новата сезона во фудбалската Лига на шампиони, наместо поранешни играчи и функционери на УЕФА како досега, ќе ја врши компјутер.
Церемонијата е закажана за 29-ти август во Монте Карло.
Според новиот формат, во првата фаза ќе има 36 екипи и секоја од нив ќе одигра по осум натпревари, наместо досегашните шест.
УЕФА го смени начинот на одредување на учесниците во групите бидејќи за новиот формат ќе бидат потребни над илјада топчиња и 36 различни шешири, што би ја направило ждрепката неподносливо долга.
Ќе се користи и традиционалниот начин на влечење, но за кратко, потоа ќе интервенира компјутерот.
Причина е и сложеноста на таканаречениот „швајцарски модел“, во кој тимовите од една земја не можат да се сретнат во групната фаза на турнирот. Исто така еден тим нема да може да се соочи со повеќе од две екипи кои се од иста земја.
Физичкото извлекување на ждрепките ќе се врати за елиминациите.