Ждрепката за квалификациските групи за Светското првенство во фудбал кое ќе се игра во 2026 година, беше поволна за Македонија, и влеа оптимизам кај навивачите, играчите и стручниот штаб.
Белгија е фаворит за прво место, Македонија ќе проба да се најде пред Велс, но ќе мора да се внимава и на Казахстан кој ни падна од четвртиот шешир. Првата позиција во групата носи пласман на СП, второто место во групата води во баражи, но Македонија и да не биде прва или втора, има добра прилика да се најде во баражите (ќе се играат полуфинале и финале).
Математички пресметки покажале дека македонскиот национален тим има дури 75,5 проценти шанси да биде дел од баражот, благодарение на првото место во групата од неодамна завршената Лига на нации, во сегментот Ц.
Во бараж за СП одат 12-те селекции кои ќе бидат втори во своите квалификациски групи, плус четири тима кои нема да бидат први или втори во квалификациите, но биле први во своите групи во Лигата на нации.
Македонија е 11-та на тоа рангирање (пред нас се Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка, Велс, Чешка, Романија и Шведска), и ни треба барем седум од овие десет тима, да обезбедат директно учество на СП 2026 или барем бараж преку квалификациите, па Македонија да биде дел од баражите.
Шпанија, Германија, Португалија, Франција и Англија не би требало да киксираат, и се очекува сигурно да бидат први или втори во своите групи, па ќе ни треба само уште два тима кои се пред нас на листата, да одираат добро во квалификациите. Позитивно за нас е што сме во иста група со Велс, па ако Велс биде прв и или втор во нашата група, ние сме чекор поблиску до баражи преку Лигата на нации.