Конечна одлука: Партизан е во право, но според правилата на ФИБА, нема преигрување!

Кошаркарската лига на Србија преку својот директор за натпреварување, Леон Делеон, се изјасни по жалбата на Партизан, со која „црно-белите“ бараа поништување на мечот со Црвена ѕвезда кој го загубија минимално откако примија нерегуларен кош во последните секунди. Ѕвезда синоќа си ја прослави титулата, јасно им беше дека нема ништо од евентуално преигрување, иако беше очигледно дека Били Берон направи чекори во клучната акција на четвртиот дуел од финалната серија во српскиот плејоф.

„Во врска со жалбата на КК Партизан, од спортскиот директор на лигата е добиено стручно мислење: судиите направија превид – не досудија чекори во последната секунда од четвртиот финален меч и тој превид влијаеше на конечниот резултат, а до тој момент, судењето беше одлично“, стои во соопштението на КЛС.

Но, иако и официјално е признаено дека грешка имаше и судиите Белошевиќ, Обркнежевиќ и Николиќ ќе бидат казнети со по три меча во темпо на делегирање на стартот на следната сезона, таков пропуст според правилата на ФИБА не може да биде причина за поништување на средбата. Жалбата на Партизан е одбиена и мечот е регистриран со резултатот со која заврши.

 

- Оглас -

Најнови вести