Конечно се израдуваа и во Билбао

Атлетик Билбао ја совлада Жирона со 1-0 благодарение на голот од пенал во 92-рата минута. Стрелец беше ветеранот Ариц Адурис, кој шутна во стилот „Паненка“. Оваа 37-годишна легенда е еден од тројцата фудбалери кои давале барем по еден гол во секоја од последните 14 сезони по ред во Примера (другите двајца се Лионел Меси и Серхио Рамос).

За баскискиот тим, ова е прва лигашка победа од август наваму, имаа серија од 13 кола без триумф, но останаа трети од долу на табелата, во зоната која води во втората лига.

На голот на Жирона беше Горка Ираисос, голманот кој кариерата ја почна во Атлетик, но не успеа да го одбрани шутот од 11 метри на неговиот поранешен соиграч. Победата на домашните е заслужена, беа поактивни, имаа 23 шута, од кои 10 во рамките на голот, Ираисос не се даваше, но на крајот и тој прими гол по најстрогата казна.

Жирона во 18-тата минута постигна гол преку Кристијан Стуани, но беше поништен откако судијата ја употреби технологијата ВАР.

- Оглас -

Најнови вести