Конечно се огласи Нејмар за кавгата со директорот на ПСЖ: Се расправам и со девојката, но тоа не значи дека не сме заедно

Фудбалерот на ПСЖ, Нејмар, вечерва се огласи по инцидентот што се случи по дуелот со Монако и поради кој медиумите пишуваа дека тој ќе си замине на крајот од сезоната.

Според медиумите, Нејмар влегол во расправија со спортскиот директор на ПСЖ, Луис Кампос, прво вербална, а потоа и физичка.

Бразилецот вечерва, на прес-конференцијата во пресрет на утрешниот осминафинален дуел во Лигата на шампионите против Баерн Минхен, потврди дека имало кавга во соблекувалната, но не и тепачка.

„Тоа беше мала дискусија, не се согласувавме. Се расправавме, но такви работи секогаш се случуваат. Јас се расправам и со девојката, па потоа продолжуваме заедно. Фудбалот не е само љубов, понекогаш треба да се расправаш за да бидеш подобар. Точно е дека не ни оди најдобро во моментов, а во ПСЖ не се навикнати тимот да не победува. Но, расправиите се дел од фудбалот и ни помагаат да дознаеме кој како размислува. Ова е мојата шеста година во ПСЖ и постојано има трачеви, гласини, злонамерни приказни… Не знам што да кажам, не сум одговорен за тоа. Јас сум спортист и такви работи можат да влијаат на мене, но не можам да се занимавам со сè што се пишува и се зборува. Тажно е што ова се појави во јавноста, требаше да остане меѓу нас бидејќи секој ден сме заедно“, изјави Нејмар.

Бразилецот веќе е максимално фокусиран на дуелот со Баерн Минхен.

„Лигата на шампионите е како Светско првенство. Победува тој што ќе направи најмалку грешки. Се подготвуваме да ги избегнеме грешките, а не да се шетаме по теренот. Разочарани сме поради елиминацијата од домашниот Куп, ќе мора да ги анализираме грешките и да се поправиме. Знаеме што треба да направиме. Мора да останеме обединети и да реагираме, на теренот да ја покажеме најдобрата верзија на ПСЖ“, додаде Нејмар.

- Оглас -

Најнови вести