Белгиецот Давид Гофан и Британецот Даниел Еванс сметаат дека Новак Ѓоковиќ и понатаму е најдобриот тенисер на денешницата иако не се наоѓа на првото место на АТП ранг-листата.
Ѓоковиќ моментно се наоѓа на петтото место на АТП ранг-листата, но Гофан смета дека тоа не е реална слика на квалитетите на Новак и конкурентите.
„Немам никакви дилеми околу тоа кој е најдобриот тенисер на денешницата. Иако Карлос Алкараз моментно се наоѓа на првото место на АТП ранг-листата, Ѓоковиќ останува најдобар тенисер на денешницата. Годинава не можеше да игра многу, но на турнирите на кои настапи, имаше одлични резултати. Се случуваат неочекувани порази како тој од Руне во Париз, но на долги патеки Ѓоковиќ е најдобриот“, вели Гофан.
Слично размислува и англискиот тенисер Даниел Еванс.
„Со Новак бевме заедно во сала за кревање товар и имав можност во неколку наврати да зборувам со него. Кога ќе го видите, ви изглека како да е гимнастичар, начинот на кој се истегнува изгледа како да има 14 години. Доколку му дозволи телото, ќе биде во одлична позиција да победи во трката со Рафа Надал и кој ќе ја заврши кариерата со најмногу гренслем-трофеи. Новак е максимално мотивиран поради дозволата да настапи на Отвореното првенство на Австралија. Кога ќе видите на кој начин ја заврши годината и на кое место е, иако играше многу малку, Новак дефинитивно е фаворит во Австралија. Верувам дека Новак смета дека е далеку пред сите, неговата игра изгледа подобро од кога било“, изјави Еванс.
Српскиот тенисер 2022 година ја заврши со пет титули, меѓу кои е и триумфот на Вимблдон, а годината ќе ја започне во Дубаи, пред настапот на Отвореното првенство на Австралија, каде што има девет триумфи.