Милан загуби на гостувањето кај Болоња со 2:1, иако Росонерите водеа на полувремето. Во вториот дел Болоња постигна два гола за пресврт и стигна до три бода. Клучниот момент се случи кога Болоња израмни на 1:1, погодок кој предизвика многу контроверзии.
Од Милан сметаа дека голот е нерегуларен, но арбитрите повеќе од две минути ја прегледуваа ситуацијата со помош на ВАР-системот и беше решено дека погодокот е регуларен.
„Имаше очигледно играње со рака на израмнувачкиот гол. Требаше да направиме повеќе дури и покрај тие грешки, но се чини дека сите негативни инциденти одат против нас и се одлучувачки во моментов“, изјави тренерот на Милан, Сержо Консеисао, за DAZN.
Португалскиот стратег сепак е самокритичен и додава дека и неговите играчи имаат вина што дозволија Болоња да направи целосен пресврт.
„Направивме некои добри работи во текот на натпреварот, но имавме и грешки. Судиската грешка не е единственото поради кое ние загубивме. Имаме проблем и со нашата игра“, додаде португалскиот стратег.
Милан по овој пораз остана на осмото место со 41 бод од 26 меча, а веќе започнаа најавите дека Консеисао може да добие отказ, што дополнително го налути тренерот. „Не дојдов тука со ништо. Освоив 13 трофеи“, вели Консеисао.