Консеисао по третиот пораз по ред: „Никогаш не сум сретнал вакво нешто“

Милан го загуби и третиот натпревар во низа во Серија А откако со гол од пенал во 98-мата минута беше поразен пред својата публика од Лацио. Навивачите не се задоволни од резултатите, Милан е далеку од врвот во Италија, а доживеа и непланирана елиминација од Феенорд во Лигата на шампионите. Публиката протестираше, незадоволна од прикажаното на своите миленици, но и од раководството на клубот.

„Ова не е лесно време за нас, тоа е јасно. Играчите чувствуваат што се случува околу нив. Единствениот начин да се излезе од оваа ситуација е да се работи и гордо да се бранат боите на клубот. Мора да даваме сè од себе, секој ден, за да ги оставиме нашите проблеми зад нас. Не сакам да зборувам за лоша среќа, но работите постојано се случуваат на наша штета и нашите ривали ја користат предноста. Имавме малку време да се подготвиме. Ја коментиравме атмосферата на стадионот. Никогаш не сум сретнал вакво нешто. Бев фудбалер и знам како е навивачите да се незадоволни. Ако натпреварот не оди според планот, станува уште полошо. Видов карактер и желба кај момците, иако имавме човек помалку. Играчите веруваат во тоа што го работиме, но ситуацијата не е лесна. Релативно неодамна сум тука, а натпреварите доаѓаат еден по друг и немаме можност да работиме тактички. Да, треба да го подобриме преминот од напад во одбрана бидејќи тоа не е помалку важно. Верувам дека имаме играчи со квалитет да направат разлика, но тие мора да ги подредат своите напори на тимот. Ако добро се браниме, ќе бидеме опасни и во нападот. Отсекогаш сум го барал ова од моите играчи, но тука најдов играчи со различни карактеристики“, рече тренерот на Милан, Сержо Консеисао, по поразот од Лацио.

Милан во моментов е на деветтата позиција на табелата со 41 бод, девет помалку од четвртопласираниот Лацио и минус 17 од градскиот ривал и лидер, Интер.

- Оглас -

Најнови вести