Милан продолжи да ги разочарува своите навивачи откако вчера загуби со 1:2 на гостувањето кај Торино. Росонерите пред неколку дена беа елиминирани од Лига на шампиони од Феенорд, иако ја имаа улогата на фаворити пред двомечот со холандскиот тим. Во првенството на Италија, Милан е на седмото место на табелата.
Тренерот Сержо Консеисао вели дека е многу разочаран затоа што головите кои ги прима неговиот тим се поради грешки на одбраната, а не поради креативноста на противниците. Консеисао се извини и на фановите на Милан поради лошите игри.
„Жал ми е за навивачите кои беа присутни на овие последни неколку натпревари. Ако видиме 12 од последните 15 примени гола, тоа се грешки кои не се предизвикани од противникот, не се резултат на формациски избори или погрешни стратегии. Само грешиме, ова е циркус! Денеска Торино постигна гол иако не упати ниту еден шут кон голот. Мораме да бидеме посилни од работите што ни се случуваат. Плаќаме за секоја чудна ситуација, а на играчите не им е лесно“, рече Консеисао.
Инаку Торино поведе со 1:0 благодарение на автоголот на гостите. Милан на гостувањето во Торино освен што си даде автогол, успеа да промаши и пенал.