Тренерот на Наполи, Антонио Конте, го објасни својот гнев кон судијата по елиминацијата од Комо по изведувањето на пеналите во четвртфиналето од Купот на Италија, но најмногу го истакна незадоволството од кризата со повредени играчи.
Натпреварот на стадионот „Диего Армандо Марадона“ беше проследен со сериозни контроверзии. Во 50-тата минута Хакобо Рамон имаше среќа што не доби втор жолт картон по прекршокот над Расмус Хојлунд на работ од шеснаесетникот. Дури и првиот жолт картон на Рамон предизвика гнев покрај аут-линијата бидејќи според некои, неговиот старт над Хојлунд заслужувал директен црвен картон.
„Да не зборуваме постојано за судиите затоа што секогаш ќе има некој што се жали. Сигурно ова не е добра сезона за судиите и за ВАР. Се надевам дека ќе најдат начин да ја подобрат ситуацијата. Факт е дека сите се жалат, тренери, играчи и навивачи. Спортот мора да се развива и да се подобрува. Како што ние ги подобруваме нашите тимови, така и Роки треба да ги подобри своите судии и ВАР-специјалисти“, изјави Конте.
„Им честитам на момците затоа што сигурно не беше лесно да се соочиме со тимот на Комо во полн состав, кој имаше десет дена одмор“, продолжи искусниот стратег.
„Можам само да ги пофалам овие играчи затоа што го надминуваат нашиот моментален потенцијал. Имаме многу ограничени ресурси, кои едноставно не одговараат на амбициите што требаше да ги имаме за оваа сезона“, додаде Конте.
Тој реагираше луто на прашањето дали Наполи има сили да остане во трката за титулата, истакнувајќи дека со оглед на бројните кадровски проблеми, нереално е да се очекува тимот рамноправно да им парира на своите конкуренти.

