Наполи со победа ја заврши 2025 година, откако со 2:0 победи на гости кај Кремонезе. Со оваа победа Наполи се доближи само на еден бод до Милан, кој е лидер на табелата во исчекување на резултатот од дуелот меѓу Аталанта и Интер.
За Наполи завршува една одлична година. Освен што во клупските витрини во мај беше доведено скудетото кое се доделува на шампионот во Серија А, пред неколку денови, овој тим се радуваше на уште еден трофеј, а тоа е тој во Суперкупот.
Наполи го елиминираше Милан во полуфиналето со 2:0, а потоа во финалето беше подобар од Болоња. И покрај сите овие успеси, тренерот на Наполи, Антонио Конте е резервиран околу дебатата дали неговиот тим е фаворит за освојување на титулата.
„Апсолутно не сме во улога на фаворити за титулата во Серија А. Минатата сезона го освоивме трофејот со многу скромен состав. Оваа сезона имаме многу поголем ростер на играчи, но уште не сме во ситуација ние да диктираме. Не сме ни блиску до такво нешто. Ќе биде голема битката за да се биде во Топ 4. Мора да продолжиме напорно да работиме“, рече Конте.

