0.8 C
Skopje
вторник, 27 јануари 2026

Конте: Никој од нас не мисли на елиминација, иако сме значително ослабени

Тренерот на италијанскиот шампион Наполи, Антонио Конте, верува дека тимот ќе даде сè од себе, и покрај големиот број повредени играчи, на утрешниот дуел против неговиот поранешен клуб Челзи во последното коло од групната фаза на Лигата на шампионите.

Конте нема да може да смета на многу играчи, меѓу кои се: Кевин де Бројне, Давид Нерес, Матео Политано, Вања Милинковиќ-Савиќ, Амир Рахмани и Франк Ангиса.

Наполи моментално е на 25-тото место во најпрестижниот европски клупски турнир и им е потребен позитивен резултат за да се пласира во топ 24 и да продолжи во елиминациската плејоф-фаза.

Во Серија А, момците на Конте се на четвртото место, со девет поени помалку од лидерот Интер откако остварија само една победа во последните пет натпревари.

„Ова ќе биде извонредна вечер затоа што станува збор за Лигата на шампионите. Нѐ очекува прекрасен и возбудлив меч против Челзи, тимот што го водев две години. Го познавам клубот и ги знам нивните планови. Пристапуваме кон мечот со вистинска решителност и знаеме дека сите карти се отворени. Го почитуваме секој противник, но истовремено сакаме да одиме напред и да постигнеме нешто значајно. Утре ќе мораме да дадеме сè од себе за да го напуштиме стадионот со високо крената глава. Потоа, зависно од резултатот, ќе видиме дали ќе продолжиме во плејофот“, изјави Конте.

Тој додаде дека Наполи ќе има тежок натпревар против еден од европските топ-клубови.

„Трениравме со доволно енергија и се подготвивме. Поради бројот на повредени немаме простор за промени во составот. Би сакал и мојот претседател да може да потроши 120 милиони евра за млад играч, како што направи Челзи со Каиседо. Некои клубови можат да си дозволат, други не. Во Италија моментно никој не може, а водечките европски клубови можат да купуваат млади играчи за по 70 милиони евра“.

„Сепак, секогаш мора да сме оптимисти и да гледаме кон најдоброто сценарио. Никој не мисли на елиминација од Лигата на шампионите. Утре ќе имаме полн стадион, навивачите ќе ни покажат што значи да се игра на „Диего Армандо Марадона“. Лошо е што ќе мораме да играме со ослабен состав. Ако денес започнеше италијанското првенство, Наполи би бил од осмото до десеттото место поради сите повреди. Сакаме да изненадиме како што направивме во Суперкупот на Италија, но плаќаме цена за моменталната ситуација со повредите“, заклучи Конте за „Скај спортс“.

- Оглас -

Најнови вести