Италијанскиот првак Наполи повторно разочара откако одигра само 1:1 на гости кај Копенхаген, па по седум кола има само осум бода. Во последното осмо коло Наполи на свој терен ќе игра против Челзи и мора да победи ако сака да обезбеди место во нокаут-фазата во елитното натпреварување на УЕФА.
Тренерот Антонио Конте е разочаран посебно затоа што против Копенхаген во поголем дел од мечот играа со фудбалер повеќе.
„Мора да бидеме лути сами на себе. Навистина боли ова. Мора да сме разочарани. Ни требаше победа за да се пласираме во нокаут-фазата. Може да имаме милион изговори, но не вреди затоа што мечот одеше во добра насока и моравме да победиме. Четврти меч по ред покажавме дека се мачиме во Лигата на шампионите. Очигледно дека нашето моментално ниво не е соодветно за ова натпреварување. Имаме само осум бода и сите мора да ја прифатиме вината“, разочарано констатира Конте.

