Наполи одигра 0:0 во дуелот против Ајнтрахт Франкфурт, во рамките од четвртото коло во Лигата на шампионите, а Елиф Елмас беше најдоброоценет од сите играчи кои беа на теренот. За првпат откако се врати во Наполи, Елмас доби доверба да одигра цел меч и не разочара.
Тренерот на Наполи, Антонио Конте, вели дека неговиот тим имал големи проблеми со повредените играчи, а посебно го потенцираше отсуството на Кевин де Бројне, кој долго време нема да биде на располагање. Во една таква ситуација, токму Елмас може да биде замената за Де Бројне.
„Момците го апсорбираа ударот од Де Бројне, се мачиме во бројчена смисла бидејќи денес немавме многу опции на средниот ред. Моравме да најдеме решение со Елмас. Мораме да се соочиме со нова ситуација оваа сезона, не само на теренот, туку особено надвор од теренот. Фудбалерите не тренираат на ист начин, па затоа мора да се справиме со нив на најдобар начин, во секој аспект“, рече Конте.
Тренерот на италијанскиот тим имаше само пофални зборови за тоа на каков начин се бранеше германскиот ривал.
„Овој германски тим покажа дека одлично научил како се применува Катеначото. Да речеме дека противниците беа премногу претпазливи“, додаде Конте.
До крајот на лигашкиот дел од ЛШ, Наполи ќе игра против Карабах, Бенфика, Копенхаген и Челзи во обид да се избори за продолжување во нокаут-фазата.

