Наполи и Милан вечерва играат во првото полуфинале од италијанскиот Супер куп, натпреварување кое веќе традиционално се игра во Саудиска Арабија. Целта на актуелниот шампион на Италија е најпрво да го мине Милан, а потоа и да дојде до трофејот во Ријад, но и тренерот на Наполи, Антонио Конте, знае дека тоа ќе биде многу тешко.
„Чувството е одлично што и тука гледаме навивачи на Наполи. Колку повеќе клубот патува во странство, толку попрепознатлив станува. Се обидуваме да бидеме атрактивни. Не ме интересира процентот на победи на моите екипи – секој сака да победува. Нашата цел е да ги бркаме успесите на правилен начин и да ги заслужиме. Кога се соочуваш со тим како Милан, се среќаваш со одлични фудбалери и врвни тренери. Тоа се натпревари кои треба да нè натераат да го дадеме максимумот од себе и да видиме до кое ниво можеме да стигнеме“, рече Конте.

