Тотенхем е една од најчудните екипи во Премиер лигата, барем според резултатите кои ги постигнува. Лондонскиот тим пред пет дена го победи шампионот Манчестер сити на гости со 3:2, а синоќа загуби на теренот кај Барнли, кој беше последен во Премиер лигата.
За Тотенхем тоа беше четврти пораз во последните пет кола, а тренерот Антонио Конте во немоќ вели дека едноставно веќе не знае каде е проблемот за таквата лоша игра и најави дека е можно да си замине.
„Мораме да разговараме во клубот. Премногу сум чесен само за да замижам на сето ова и да продолжам да заработувам плата. Сакам да преземам одговорност. Подготвен сум на секоја опција затоа што сакам да му помогнам на клубот. Четири порази во последните пет меча е нешто што првпат во животот ми се случува. Ова е неприфатливо“, рече разочараниот Конте.
Тотенхем беше клуб кој имаше одлични резултати под водство на Маурисио Покетино, но откако тој си замина, екипата не може да се врати на старите патеки. За тренери беа донесени и Жозе Мурињо и Нуњо Еспирито Сантос, но подобрување немаше. Нема ни сега со прославениот италијански стратег.
„Се обидов да направам тимот да напредува, но како да не сум доволно добар за тоа во овој момент. Се обидов на разни начини да ја сменам ситуацијата, но едноставно ништо не се менува. Некои зборуваат за борба за четвртото место, но реалноста по последниве пет кола е дека треба да се плашиме да не испаднеме“, додаде Конте.
Тотенхем моментно е на осмото место во Премиер лигата со 39 бодови и два меча плус за доигрување. Лондонскиот тим заостанува седум бода зад четвртопласираниот Манчестер јунајтед.