Актуелниот италијански фудбалски првак Наполи во своите витрини доведе уште еден трофеј, тој во Суперкупот на Италија. Во големото финале кое се играше синоќа во Ријад, Наполи со 2:0 ја победи Болоња и стигна до третиот трофеј во ова натпреварување, повторувајќи го успехот од сезоните 1990-91 и 2014-15.
На патот до трофејот, Наполи прво со 2:0 го победи Милан во полуфиналето, а потоа во финалето со истиот резултат славеше и над Болоња. Давид Нерес беше херој во финалето, постигнувајќи ги двата гола, а тренерот Антонио Конте беше презадоволен.
„Момците заслужуваат честитки за беспрекорниот турнир, и против Милан и против Болоња. Тие покажаа колку го посакуваат овој трофеј за навивачите, а сега ќе имаме и одлична божиќна прослава со нов трофеј во витрините. Во 2025 година ги освоивме Скудетото и Суперкупот на Италија. На крајот, во историјата се паметат само победниците“, задоволно коментираше Конте, за кого ова е само втор трофеј во Суперкупот на Италија. Претходно на овој трофеј Конте се радуваше во сезоната 2013-14, и тоа како предводник во Јувентус.
Болоња во Суперкупот на Италија играше како тим кој го освои Купот на Италија, што беше нејзин прв трофеј по пауза од 51 година. Сепак, Болоња не успеа да стигне до вториот трофеј само во неколку месеци.
„Сакам да ѝ честитам на Болоња бидејќи сега е вистински протагонист на италијанскиот фудбал. Го освои Купот на Италија, го елиминира Интер во полуфиналето на Суперкупот и беше многу конкурентна во финалето. Затоа заслужува пофалби за сè што прави“, рече Конте за ривалот кој им беше во финалето.
Наполи го освои трофејот во Суперкупот, но Конте сепак е резервиран околу тоа дали неговиот тим е подготовен и има сили да ја одбрани титулата во Серија А. Конте потенцираше дека главен фокус на тимот е да се обиде да биде што е можно поблиску при врвот на табелата, меѓу оние екипи кои обезбедуваат излез во Лигата на шампионите.

