Актуелниот тренер на Наполи, Антонио Конте, не крие дека посакува повторно да биде селектор на италијанската репрезентација и отворено го кажува тоа, дури и самиот се нуди.
Конте не знае уште колку време ќе биде на клупата на Наполи, договорот му е до летото 2027, ова лето ќе треба да преговара за иднината, па опцијата да биде селектор му е примамлива.
„Да бев претседател на Фудбалската федерација на Италија, ќе размислев за мене како кандидат за селектор заедно со другите. Од многу причини би го ставил Конте на таа листа. Веќе сум работел со националниот тим, позната ми е таа средина, да се претставува државата е нешто прекрасно“, рече 56-годишниот Конте, кој се споменува во комбинациите за селектор откако Аѕурите не успеаја да се пласираат и на трето Светско првенство по ред.
Конте беше селектор од 2014 до 2016 година, пред да почне да работи во Челзи.
Италијанците последен пат беа светски прваци во 2006, во 2020 беа и европски шампиони и за нив катастрофа е што ќе ги нема на четврти Мундијал по ред.
„Разочарувачки е што не победивме во таа пенал-серија со Босна. Луѓето велат Италија играла добар фудбал, но, за жал, во спортот се сметаат само резултатите. По три пропуштени СП по ред, нешто сериозно мора да се промени. Има и нешто добро, овие неуспеси покажуваат што не функционира, каде треба да се поправиме. Ако се пласиравме, тие што сега критикуваат, ќе фалеа и ќе велеа дека тоа е триумф“, додаде Конте.

