Конте: Се радувам затоа што фудбалерите покажаа дека не мислат на одмор

Интер ја оправда фаворитската улога против Хетафе и победи со 2:0 во меч од осминафиналето од Лигата на Европа. Нераѕурите имаа водство од 1:0 на полувремето, а шпанскиот тим во 76 минута промаши пенал за израмнување. Кога Хетафе не ја искористи својата шанса, Кристијан Ериксен погоди за 2:0 и тоа неполни 60 секунди откако влезе во игра.

Тренерот Антонио Конте беше задоволен затоа што Интер продолжува во четвртфиналето и сега е само на три победи до обидот да се заврши сезоната со освојување на титула.

„Знаевме дека ќе биде тежок меч. Хетафе започна силно и ни создаде главоболки. Очекувавме таков меч, но не се уплашивме. Ова е добар знак, затоа што покажавме дека сме готови да се бориме за секоја топка, нешто што ни недостасуваше во одредени моменти сезонава во првенството. Најмногу се радувам затоа што играчите покажаа дека уште не мислат на одмори, туку продолжуваат да се борат во обидот да стигнеме до титулата“, рече Конте.

 

- Оглас -

Најнови вести