Елиф Елмас даде гол и беше еден од најзаслужните за синоќешната победа на Наполи против Торино. Елмас постигна убав гол во второто полувреме кога Наполи поведе со 2:0, а до крајот на средбата Торино постигна само почесен гол. По средбата, тренерот на Наполи, Антонио Конте имаше само пофални зборови за играта на Елмас и тоа не само за вчерашниот дуел, туку воопшто во текот на целата сезона.
„Оваа година треба да направиме статуа на Елиф Елмас. Тој го разбира фудбалот. Може да игра и како централен играч од средниот ред и како офанзивен играч од средниот ред. Тој е разноврсен играч. Почна во почетната постава по 18-ти пат по ред. Имаме среќа што го имаме.“, рече Конте за македонскиот репрезентативец.
По пауза од речиси шест месеци на теренот во дресот на Наполи се врати и Кевин Де Бруин.
„Били Гилмор одигра навистина одличен натпревар. Сите се снајдоа добро. Доминиравме во меч кој на крајот сами си го искомплициравме, но сум задоволен од настапот на момците. Ова се три важни бодови против Торино, кој е добар тим и сигурно ќе се претстави добро до крајот на сезоната. Имавме многу отсутни играчи, но никогаш не сме барале оправдување во отсуствата. Ромелу Лукаку и Кевин Де Бруин треба да ја пронајдат својата најдобра форма. Кевин се врати во добра состојба, па затоа го внесов во игра. Следната недела може да се врати и Скот Мектоминај“, додаде Конте.

