Реал Мадрид и Рајо Валјекано денеска требаше да одиграат еден контролен пријателски натпревар како подготовка за претстојната сезона, но мечот беше откажан затоа што еден играч на Рајо е „сомнителен“ и чека резултати од новото тестирање за корона-вирус.
Името на „сомнителниот“ член на Рајо не е објавено, но тоа што можеби е позитивен на ковид-19 беше доволна причина за откажување на мечот со Реал. Можеби играчот кој чека резултат е македонскиот голман Столе Димитриевски, со кого се случува нешто чудно.
На 13 август беше објавено дека Димитриевски има корона-вирус, а на 1 септември ФФМ објави дека тој уште е позитивен и дека поради тоа нема да дојде во Скопје и нема да брани на дуелите од Лигата на нациите против Ерменија и Грузија. Сепак, само три дена подоцна, на 4 септември, на еден ден пред мечот со Ерменија во Скопје, од Рајо објавија фотографии од тренингот, а на една од тие фотографии беше и Столе.