Копачките со кои Лионел Меси го постигна историскиот 644 погодок во дресот на Барселона, се продадоа за неверојатни 143.000 евра. Со погодокот на дуелот против Валјадолид, Меси го сруши повеќедеценискиот рекорд на легендарниот Пеле, по бројот на голови постигнати во дресот на еден клуб.
Меси реши копачките кои ги носеше на тој меч, да ги даде на аукциска продажба, а собраните средства да ги донира во Универзитетската болница во Барселона. Меси голот против Валјадолид го даде на 22 декември 2020 година и го надмина Пеле кој како играч на Сантош имаше постигнато 643 погодоци.
Сумата од 143.000 евра е најголема цена платена за еден пар копачки. Претходниот рекорд го држеа копачките на Пол Погба кој во 2019 година на аукција во Париз беа продадени за 37.000 евра.
Историските копачки на Меси се од марката „Адидас Намезиз Меси 19.1“, а на нив има и потпис од Аргентинецот, а испишано е и името на неговата сопруга Антонела, како и датумите на раѓањето на неговите синови Тијаго, Матео и Чиро. Пред да започне аукцијата, се очекуваше копачките да бидат продадени за сума меѓу 60.000 и 80.000 евра, но на крајот цената достигна до неверојатни 143.000 евра.