Копачките со кои аргентинскиот виртуоз Лионел Меси го постигна рекордниот 644 погодок во дресот на Барселона, ќе одат на аукциска продажба, а средствата кои ќе бидат собрани, ќе бидат дадени во добротворни цели.
Меси ги донираше копачките во Националниот музеј на Каталонија, а парите од продажбата ќе бидат наменети за Универзитетската болница во Барселона. Аргентинецот е светски рекордер по бројот на постигнати голови за еден клуб.
„Тоа што стигнав до 644 голови во дресот на еден клуб ме прави среќен, но најважно е да можеме со нешто да ѝ вратиме на заедницата. Да им се помогне на децата кои се борат за своето здравје. Се надевам дека оваа акција ќе ја подигне свеста и во иднина ќе има нови вакви иницијативи“, рече Меси.
Рекордниот 644 погодок Меси го постигна на дуелот против Валјадолид во 64 минута, на мечот кој се одигра на 22 декември 2020 година. Со тој погодок, Меси го надмина рекордот на легендарниот Пеле кој беше повеќе од 50 години. Пеле имаше постигнато 643 голови во дресот на Сантош.
Копачките кои одат на аукција се од моделот Адидас Немезис Меси 19.1, а на нив има потпис и од Меси. На копачките е испишано и името на неговата сопруга Антонела Рокуцо, како и датумите на раѓање на нивните синови Тијаго, Матео и Чиро. Со копачките оди и сертификат за афтентичност, а се очекува да бидат собрани меѓу 60.000 и 80.000 евра.

