Никола Јанковиќ, кошаркарот на Партизан, е позитивен на корона-вирусот и ова е информација која нема да им се допадне на многумина во Белград кои биле во негова близина, а таму беа и српските спортски суперѕвезди тенисерот Новак Ѓоковиќ и кошаркарот Никола Јокиќ. Пред неколку дена, Јокиќ и Ѓоковиќ беа на кошаркарскиот меч на кој тренерот на Мега Бемакс, Дејан Милојевиќ, се прости од клубот. Таму играше Јанковиќ.
Во Србија деновиве се одржаа неколку спортски настани со присуство на публика и можеби се потенцијални „бомби“ кои ќе предизвикаат ширење на вирусот. Најмногу луѓе имаше на фудбалскиот меч Партизан – Црвена ѕвезда од Купот на Србија, а меѓу 16-те илјади гледачи беше и Јанковиќ заедно со некои од своите клупски колеги, од кои не држеше никаква дистанца.
Центарот на Партизан засега нема симптоми и веднаш заминал во самоизолација.