Македонската сениорска репрезентација ги почна подготовките за натпреварот со Косово во рамките на претквалификациите за Евробаскетот 2021. Средбата ќе се игра во недела попладне, во Гевгелија.
Стојан Ѓуроски и Шејн Витингтон беа единствените кошаркари кои недостасуваа на вечерашниот собир во малата сала на СЦ „Јане Сандански“. Тие двајца, како и селекторот Јорданчо Давитков, треба да се појават утре. Екипата уште утре е во Скопје, а во петок заминува за Гевгелија, каде што во недела ќе го пречека Косово.
„Нема да биде лесно, можеби олеснителна околност е што ќе немаат Американец. Ние си ја гледаме нашата работа, треба максимално да се подготвиме, имаме 3-4 дена. Треба да влеземе во ритам како во Приштина. Јас лично, играм добро, се надевам дека ќе го пренесам тоа и во репрезентацијата и сите заедно да дојдеме до таа посакувана победа“, вели Бојан Трајковски.
Димитар Караџовски добро ја познава салата во Гевгелија, порано играше за Кожув.
„Важен е мечот, зависи и од резултатот во Романија, можеби ќе можеме да го осигуриме првото место веќе во недела. Не треба ништо да се остави на случајност, да си завршиме работа, да не дозволиме други да ни решаваат. Освен Бериша, опасен е и центарот Шоши, но ние играме дома, реално предноста е на наша страна“, изјави Караџовски.