Иако утре е Илинден, нашиот најголем национален празник, извесно е дека македонската кошаркарска сениорска репрезентација ќе има голема поддршка од трибините во реновираната сала во Куманово.
За првиот официјален меч во рамките од претквалификациите за СП 2027 година, кој ќе се игра во Куманово, владее голем интерес.
Од КФМ објавија дека на нешто повеќе од 24 часа до почетокот на мечот, распродадени се сите влезници за натпреварот меѓу Македонија и Романија.
Тоа значи дека исклучително важниот меч за нашиот подмладен национален тим ќе го проследат околу 4-5.000 гледачи што треба да биде голем ветер в грб за младите македонски кошаркари.
Утрешниот натпревар е прв за македонската репрезентација во Куманово по пауза од 26 години, па не чуди еуфоријата која владее во овој град. Љубителите на кошарката се познати по фантастичната атмосфера која знаат да ја направат, се очекува вистински спектакл.