Реили Опелка го совлада првиот носител Џон Иснер со 6-7, 7-6, 7-6 во драматичен полуфинален меч на тенискиот турнир Њујорк опен, а средбата која траеше два часа и 31 минута, изобилуваше со добри сервиси и неизвесност. Двајцата Американци заедно имаа дури 81 аса, од кои 43 имаше расположениот Опелка, кој пред да победи, спаси дури шест меч-топки.
Овие 81 асови се светски рекорд за АТП меч кој имал три сета. Инаку, Опелка е висок 211, а Иснер 208 сантиметри, па мечот личеше како тенис да играат високи кошаркари или одбојкари.
Опелка беше подобар од Иснер и во првото коло на неодамнешниот Австралијан опен, тогаш во четири сета, се разбира, сите во тај-брејк. Опелка кој има 21 година, во финалето ќе се сретне со Канаѓанецот Брејден Шнур, кој во полуфиналето го совлада Сем Квери.