Кошаркарите сами ги решија дилемите, Македонија повторно ја растури Норвешка и обезбеди пласман во квалификациите за Евробаскетот 2025

Кошаркарската репрезентација на Македонија по втор пат во претквалификациите, убедливо ја совлада Норвешка и го освои првото место во групата Д кое носи пласман во главните квалификации за Европското првенство 2025 година.

Избраниците на селекторот Александар Јончевски, сами си ги решија дилемите, во последното коло мораше да победат против Норвешка, и тоа го сторија на убедлив начин, со 38 поени разлика (41:79).

Кошаркарите победата ја најавија уште на стартот, брзо дојдоа до двоцифрена предност (6:16) и првата четвртина ја добија со 12 поени разлика (12:24). До крајот на средбата, предноста постојано се зголемуваше, на полувреме беше 19 поени (25:45), по три четвртини беше 36:61, и на крајот победата беше изразена со 38 поени разлика.

Најдобар беше Ти-Џеј Шортс со 22 поени, 6 скока и 5 асистенции, капитенот Војдан Стојановски постигна 16 поени, додека Магдевски и Масллинко дадоа по 9 поени.

- Оглас -

Најнови вести