Натпреварот помеѓу машките кошаркарски репрезентации на Македонија и Косово во Гевгелија може да ги донесе избраниците на селекторот Јорданчо Давитков на чекор од пласман во квалификациите за Евробаскетот 2021 година. Победа над гостите во мечот кој почнува во 17.45 часот, ќе значи скор 3-0, и само некој неверојатен сплет на околности во февруарскиот циклус може да ја спречи Македонија од освојување на првото место во групата.
Од МКФ порачаа публиката да дојде порано во сала, бидејќи вратите на „26 Април“ ќе се затворат на 15 минути пред почетокот. Преземени се мерки за средбата да мине во најдобар ред, како што беше и кога Македонија гостуваше во Приштина.
Поддршката од гевгеличани, и мотивот на Шејн Витингтон да ја оствари првата победа во дресот на македонската репрезентација, се едни од адутите на „црвено-жолтите“. Сепак, улогата мора да се потврди и на терен.
„Нема да биде лесно, можеби олеснителна околност е што ќе немаат Американец. Ние си ја гледаме нашата работа. Треба да влеземе во ритам како во Приштина. Верувам во репрезентацијата и се надевам дека сите заедно ќе дојдеме до таа посакувана победа“, вели Бојан Трајковски.
И гостите се свесни дека Македонија е фаворит, но најавуваат дека во Гевгелија се дојдени со намера да изненадат.
„Ќе се обидеме да прикажеме добра игра и да победиме, иако ќе биде многу тешко, Македонија е фаворит. Браќата Стојановски се нивни главни играчи, потоа Трајковски, како и Витингтон кој игра во Шпанија“ – рече селекторот Дамир Мулаомеровиќ, кој уште ја чека првата официјална победа како предводник на селекцијата на Косово.
Навивачите кои купија билет и нема да можат да го проследат натпреварот од трибините, ќе можат да го проследат пред малите екрани на фрекфенцијата на МРТ, а преносот ќе биде достапен и „Јутјуб“ каналот на ФИБА.