Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија синоќа стигна во унгарскиот град Солнок, каде што в сабота ќе го одигра својот втор натпревар од претквалификациите за Светското првенство.
Вечерва тимот на селекторот Марјан Илиевски ќе тренира во Солнок, а Виктор Ташовски од ТФТ, кој е дел до бековската линија во сениорскиот тим, е оптимист дека може да победиме против Унгарија, а и во Орадеа против Романија на 13 август.
„На натпреварот со Романија одиграме релативно добро, но пресуди нашето неискуство. Млади сме, имаме дебитанти. Против Унгарија треба да пробаме да ги намалиме грешките. Што помалку грешки, толку подобро. Мислам дека нашата транзиција беше делумно добра. Македонија треба да биде над своите можности. Веројатно ќе бидеме во улога на аутсајдери на овој натпревар, но ништо не е нереално. Јас ќе бидам оптимист и ќе кажам дека одиме на победа. Како на натпреварот со Унгарија така и на следното гостување во Романија. Не е нереално да се победи и таму, така што очекувам победи на двата меча“, вели Ташовски.
Ако македонскиот тим направи такво чудо и ги добие двете гостувања, ќе биде во одлична ситуација да се најде во главните квалификации за СП во Катар. А, теоријата вели дека дури и со два порази на овие две гостувања може да имаме шанса, но ќе ни треба и уште една победа на Романија над Унгарија. Во квалификациите одат првиот и вториот од оваа група со три тима.