Македонската кошаркарска репрезентација со победа ги заврши претквалификациите за пласман на СП 2027. Тоа беше прва и единствена победа за нашиот национален тим, што беше премалку да продолжи во квалификациите.
По оваа неуспешна авантура во претквалификациите, нашите најдобри кошаркари ги очекуваат настапи во наредниот циклус од претквалификации за Евробаскетот во 2029 година.
Според системот за натпреварување кој го креираше ФИБА, Македонија ќе биде дел од репрезентациите кои ќе играат во првата фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство.
Ние сме во групата во која се уште репрезентациите на Бугарија, Словачка и Норвешка, кои не ја поминаа втората квалификациска рунда за учество во квалификациите за Мундобаскетот 2027.
Претходно беше познато дека во првата претквалификациска фаза за ЕП 2029 ќе бидат и репрезентациите на Ирска, Косово, Азербејџан, Луксембург, Ерменија и Албанија (не ја минаа првата фаза од претквалификациите за СК 2027).
Можно е да има уште некоја пријава од национални федерации кои не беа дел од последниот циклус (најавите се дека тоа би можело да биде Молдавија).
Според официјалниот сајт на ФИБА, би биле формирани три групи (со по три, односно четири репрезентации), кои ќе играат според „Раунд-робин“ системот (дома- гости).
Победниците на овие три групи, заедно со најдобрата второпласирана, би преминале во втората фаза на претквалификациите за Евробаскетот.
Овие репрезентации ќе се натпреваруваат во неколку ФИБА „прозорци“.
Почетокот е предвиден за ноември 2025 година, потоа следуваат оние во февруари-март, односно јули, 2026 година.