Кошаркарките убедливо поразени од Грција

Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз на гостувањето кај Грција, откако домаќинот славеше со високи 101-47 во натпревар од квалификациите за Европското првенство 2027.

Гркинките од самиот почеток го наметнаа својот ритам и брзо покажаа зошто ја имаат фаворитската улога во групата „Ф“. Тие уште во раната фаза од мечот поведоа со 21-7, а до крајот на првата четвртина предноста дополнително ја зголемија на убедливи 29-7.

Во вториот период македонските кошаркарки прикажаа подобра игра и постигнаа двојно повеќе поени од воведните десет минути, но тоа не беше доволно за посериозно да се загрози водството на противникот. На полувремето Грција веќе имаше сигурна предност од 49-22.

Сличен тек имаше и продолжението од натпреварот, иако нашата селекција најмногу поени постигна токму во последната четвртина. Сепак, разликата во квалитет и искуство беше очигледна, па Грција без поголеми проблеми стигна до третата победа во групата.

По овој пораз, Македонија има учинок од една победа и четири порази пред последното, шесто коло од квалификациите, кога на 17 март во салата „Градски парк“ во Скопје ќе ја пречека селекцијата на Хрватска.

Најефикасна во македонскиот состав беше Мерит Хемпе со 21 поен, на кои додаде и осум скока и две асистенции. Стојановска мечот го заврши со седум поени, четири скока и три асистенции, додека Селцова придонесе со шест поени, седум скока и пет асистенции.

- Оглас -

Најнови вести