Македонската кошаркарска федерација, која на денешното Изборно собрание треба да биде прекрстена во Кошаркарска федерација на Република Северна Македонија (се предлага кратенката да биде КФСМ), најверојатно ќе го добие својот деветти претседател од осамостојувањето на нашата земја.
По Благоја Самакоски, Зоре Темелковски, Јордан Камчев, Горан Рафајловски, Леонид Гајдаџиев, Драгољуб Арсовски, Даниел Димевски и Петар Наумоски, редот веројатно дојде и за Перо Антиќ.
Дел од клубовите, претежно прволигаши, се изјаснија дека го поддржуваат најуспешниот македонски кошаркар во историјата и прв што заиграл во НБА, Антиќ, но гласот на сите членки на Собранието вреди исто, историјатот на собранијата покажа дека кога станува збор за тајно гласање, сите опции се отворени и затоа и покрај фаворитската улога, Антиќ не може да биде сигурен дека ќе добие најмногу гласови. Откако Владимир Темелковски се повлече од трката, можни се две опции: Антиќ да биде единствен кандидат или сепак и Наумоски да му биде последна пречка на патот.
До последен момент нема да се знае дали и Наумоски ќе реши да се кандидира и да побара нов четиригодишен мандат или сепак тронот ќе му го препушти на Антиќ. Популарниот Пеце двапати на чудесен начин успеваше да се спаси од менување, па останува да се види како ќе реагира денеска од 12 часот, за кога е закажан почетокот на Собранието.