Кошаркарската федерација е новиот траен корисник на СРЦ Кале

Кoшаркарската федерација на С. Македонија од денеска на располагање ја доби големата сала од СРЦ „Кале“. Според договорот, салата останува во државна сопственост, но ќе биде дадена на трајно користење на КФСМ. Идејата е во Кале да им се овозможат услови на младите кошаркари, а во тој објект, кој досега беше најпознат како ракометен храм, во иднина ќе играат младите репрезентации.

Култната сала во која женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров во 2002 година ја прослави европската шампионска титула, сега станува кошаркарски храм за развој на најмладите категории.

„Во програмата ветивме дека ќе обезбедиме услови за младите кошаркари. Денеска е голем ден, јас лично сум презадоволен што како куќа на кошарката добиваме сала што ќе ни биде на располагање 24 часа на ден, 365 дена во годината. Голема благодарност до одговорните лица кои ни излегоа во пресрет“, изјави претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, на денешната прес-конференција.

Антиќ со тоа го оствари она што во минатото беше голема желба и на поранешниот претседателот Даниел Димевски, кој сега е советник за спорт во Владата.

„Спортските објекти треба да ги дадеме на располагање на спортските колективи. Особено ми е драго што овој процес почнува со Кошаркарската федерација. Горди сме што најдовме начин да решиме едно прашање на начин на којшто нема оштетени, така што сите се задоволни“, рече Димевски.

- Оглас -

Најнови вести