На својата втора седница, Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија, донесе голем број одлуки меѓу кои и да се започне процедура за промена на името од КФСМ во МКФ.
„Новото раководство, на чело со Претседателот Томе Главчев, побараа размислување од членовите на УО за промена на називот на Федерацијата од Кошаркарска федерација на Северна Македонија во Македонска кошаркарска федерација, или Национална кошаркарска федерација. Предлогот наиде на позитивни размислувања од страна на присутните членови, кои едногласно се согласија да се отпочне процедура за менување на името во Македонска кошаркарска федерација“, стои во соопштението на Федерацијата.
УО на КФМ официјално го именуваше Марјан Илиевски за селектор на сениорската машка репрезентација, а одлучи и да се намали бројот на екипи учеснички во Првата лига мажи на 10 екипи за натпреварувачка сезона 2026/2027. Во претстојната сезона 2025/2026 ќе испаднат три екипи од Првата лига, а една екипа од Втората лига ќе обезбеди промоција во елитата.
Договорено е пред одржување на завршницата од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур 2026“ да се одржи состанок со прволигашите, да се разговара за понатамошно намалување на осум екипи.
Во следната сезона во текот на целиот натпревар задолжително ќе биде на терен да бидат присутни двајца домашни играчи. Правилото ќе важи од почетокот на натпреварувачката сезона до Суперлигата, а ќе се разгледува опцијата за формирање на лига во која ќе играат играчи од 20 до 23 години.