Суперлигата на Европа во фудбал веќе е на прагот, се преговара за начинот на кој ќе функционира и кои клубови ќе играат, а веќе се „бркаат и протекции“ за учество.
Тони Паркер, познатата кошаркарска легенда со шампионски титули во НБА-лигата притиска во новото натпреварување да игра и седумкратниот француски шампион Лион.
Тој е во бордот на директори на познатите Лавови од „Жерлан“ и сака да го види тимот во Суперлигата на Европа, рамо до рамо со гигантите.
„Олимпик Лион според резултатите и влијанието во европскиот фудбал во последните 20-тина години, мора да биде дел од новото натпреварување. Ако сакаат Суперлига, тогаш мора да има место за клуб што освои 7 титули во Франција, земја на светските прваци“, вели Паркер.
Тој е сопственик на кошаркарскиот клуб Асвел, кој веќе игра во Евролигата, која е најсилна баскет лига во Европа, па сега се обидува да помогне со своето влијание и огромен рејтинг за да го протурка и Лион во друштво на фудбалските великани.
Според оптимистичките прогнози, Суперлигата на Европа, што ќе биде новата Лига на шампиони во фудбалот, би можела да стартува најрано во сезоната 2023/24.