Натпреварот помеѓу Работнички 2018 и Маџари од втората кошаркарска лига на Македонија, не го дочека својот крај, и тоа поради лизгав терен, како последица од протекувањето на покривот во салата „Градски парк“.
Дождот кој врне во Скопје им направи големи проблеми на актерите на терен, а не помогнаа ниту крпите на паркетот кои требаше колку толку да ја впијат водата, иако и тоа само по себе е голем срам за еден меч во затворен простор.
Во легендарниот „Градски парк“ кој постои повеќе од 50 години и во него Работнички имаше многу славни моменти, одамна не е храм на кошарката како некогаш, таму веќе не се играат прволигашки мечеви, а веројатно треба да се забранат секакви официјални мечеви.
Не е проблем само покривот кој не издржува дожд, туку очајна е состојбата и во соблекувалните, нема нормални тоалети за играчите и публиката, нема греење…
Инаку, средбата е прекината на полувреме, при водство на Маџари од 43-26.