Македонската кошаркарска федерација го одреди 28-ми септември како датум за одигрување на Суперкупот „Драган Василов-Цевка“, како отворање на сезоната во македонската клупска кошарка.
Мечевите ќе се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.
Програмата ќе стартува од 17 часот, женскиот Суперкуп дуел на шампионот Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица, и Вардар, кој го освои Купот на Македонија минатата сезона.
Од 19.30 часот ќе почне битка за трофејот во машка конкуренција, а ќе играат МЗТ Скопје Аеродром кој ги брани пехарите освоени во минатата сезона, и гевгелиски Кожув, екипата која во минатата сезона играше финале на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.
МЗТ се „експерти“ за Суперкуп, последен пат кога некој друг клуб го освои пехарот во ова натпреварување беше во 2011 година кога во Кавадарци триумфираше Работнички.