Пред нас е интересна кошаркарска вечер, дури четири клуба кои настапуваат во Евролигата може да прослават титули во домашните национални првенства.
Реал Мадрид води со 2-0 во победи против Мурсија и на гостувањето вечерва има прилика да ја запечати титулата во Шпанија. Кралскиот клуб е фаворит на хартија и би требало да успее во намерата со „метла“ да дојде до титула.
Монако води 2-1 против Париз и има меч-топка за освојување на титулата. За парижаните игра натурализираниот Македонец Ти Џеј Шортс, кој е еден од адутите на тимот да се избори за мајсторка против евролигашот предводен од можеби најдобриот Американец кој игра во Европа, Мајк Џејмс.
Во Истанбул, Фенербахче има нова прилика да ја освои титулата откако на претходниот меч една секунда го делеше од таков успех. Фенер пак е домаќин на Анадолу Ефес и ќе биде интересно да се види дали конечно ќе заврши серијата победи на гостинските тимови во ова финале.
Пеколно ќе биде во Пиреја, каде што Олимпијакос го пречекува Панатинаикос. Олимпијакос води 2-1, а за титула му треба уште една победа. ПАО е европски првак, на третиот меч покажа дека не се откажува од трофејот во Грција, но се прашуваат и Црвено-белите.
Финалиња вечерва се играат и во Германија и во Литванија. Во Бундеслигата, Алба во Берлин го пречекува Баерн, а резултатот по два меча е 1-1.
Најголемо изненадување може да има во Литванија, каде што Ритас води 2-1 против Жалгирис и вечер има шанса за освојување на титулата. Сепак, и да стане литвански првак, Ритас нема да игра во Евролигата, а тоа важи и за Мурсија доколку ја освои титулата во Шпанија.