Да не беа Ненад Димитријевиќ и репрезентацијата за играчи до 18 години, тешко дека по нешто убаво ќе се паметеше кошаркарска 2024 година тука во Македонија.
Машката А репрезентација уште има теоретски шанси да се најде на Евробаскетот 2025, но за тоа ќе ни треба мало чудо, за најдобрите македонски клубови и четвртфинале на плејофот во АБА 2 лигата стана недостижно, а капак беше срамното петчасовно Собрание на КФМ, на кое се виде дека нешто не „штима“ во кошаркарскиот „оркестар“.
Трансферот на Димитријевиќ од Уникс Казањ во Армани Милано ја врати Македонија на евролигашката мапа.
Нено се етаблираше како еден од најдобрите европски плејмејкери, иако е дебитант во Евролигата, игра добро таму, а колку отскокнува од другите наши играчи во моментов, доказ беше средбата со Литванија, кога даде 43 поени за 29 минути, а можеше да оди и над 50 ако не се повредеше.
Тој и натурализираните Македонци се главната надеж дека по една деценија пак може да стигнеме до ЕП, иако ќе биде многу тешко, а одговорот ќе дојде брзо, кон крајот на февруари.
Сегашноста во кошаркарска Македонија не е розева, но иднината е прилично светла. Оптимизам даваат јуниорите, селекцијата за играчи до 18 години кои го освоија првенството од Б дивизија и во 2025 ќе играат на елитното ЕП со најсилните на континентот.
На клупски план, 2024 не донесе ништо ново, МЗТ Скопје Аеродром ги освои трофеите и во првенството и во Купот. Двојната круна беше освоена во финални дуели со битолскиот Пелистер, но овие два клуба и Работнички се посрамотија на регионална сцена, во АБА 2 лигата, каде што испаднаа по првата фаза и не стигнаа ни меѓу осумте најдобри.
Пред неполна деценија, имавме два тима во првата АБА лига, сега тонеме во просечноста и заглавени сме во АБА 2, што е поразително за сите.
Затоа пак на меѓународна сцена беше интересно. Евролигата ја освои Панатинаикос кој во драматично финале го победи фаворизираниот Реал Мадрид, а новата сезона носи возбуда затоа што нема тим кој се издвојува и секој може да победи секого.
На олимпискиот турнир, Американците повторно го освоија златото, потврдија дека се број 1 благодарение на Стеф Кари, кој ги уништи Србите во полуфиналето и Французите во финалето. Србија беше блиску до сензација, но за малку не успеа, САД не дозволија да им побегне златото, кое многу им значи.
Во најсилната лига на светот, НБА, Бостон селтикс стана првак по 18-ти пат, првпат по пауза од 16 години. Келтите се најуспешен тим во историјата на НБА по бројот на шампионски прстени, важно им е да бидат пред ЛА лејкерс, кој има 17 титули.
Во 2025 главен кошаркарски настан ќе биде Евробаскетот, на кој посакуваме да биде и Македонија, иако ќе ни требаат победи на гости против Естонија барем со 5 поени разлика каква било победа дома со Полска, а притоа Естонците да загубат и од Литванија.
Мисијата не е лесна, но во кошарката можни се чуда како она во 2011, кога бевме четврти во Европа и кога сите ни се воодушевуваа за разлика од денеска.