Барселона влегува во препознатливиот ритам. Каталонскиот гигант веќе има четири победи по ред откако синоќа лесно и убедливо со 4:0 ја победија Севилја. Со Луис Суарес и Лионел Меси во нападот, Барселона немаше никакви проблеми да стигне до нов триумф.
Токму Суарес и Меси постигнаа вистински евроголови. Уругвајскиот напаѓач ја отвори низата погодоци, и тоа со „ножички“, додека Меси ја затвори голеадата. Аргентинецот погоди од слободен удар за 4:0. Тоа што е поважно, Меси против Севилја продолжи еден рекорд. Овој противник му е најомилен на Меси да постигнува голови.
Во 38 одиграни меча против Севилја, Лео го постигна 37-миот гол. Кон ниту еден друг клуб во кариерата Меси нема постигнато толку многу голови. На листата зад Севилја е Атлетико Мадрид со 29 голови од 38 средби, Валенсија примила 28 гола од Аргентинецот во 33 меча, додека Реал Мадрид капитулирал 26 пати по нападите на Меси во 41 меч.