Спортската јавност во Србија е навикната на победи, па тешко им паѓа што последниве денови претрпуваат само разочарувања.
Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, испадна во полуфиналето на Отвореното првенство на САД и му пропадна уште една шанса да дојде до посакуваната 25-та гранслем-титула. Новак уште е подобар од сите други, но кога ќе дојде ред да игра со Јаник Синер или Карлос Алкарас, тоа станува непремостлива пречка.
Потоа на ред дојдоа одбојкарките кои го бранеа светското злато, но без првата ѕвезда Тијана Бошковиќ која се повреди среде турнир, не можеа ништо да направат.
Најголемото разочарување дојде од кошаркарите кои беа главни фаворити на хартија за титулата на Евробаскетот, го имаа и Никола Јокиќ во составот, а испаднаа уште во осминафиналето од Финска, која е позната по успеси во зимски спортови, не и кошарка. Ќе им треба време да ги залечат раните.
Капак беше поразот од 0-5 на српските фудбалери од Англија, најголем дебакл за Орлите од нивното формирање. Публиката предвреме си замина и тоа многу зборува колкаво беше разочарувањето.