Фудбалската репрезентација на Косово е вистински хит во Европа. Веќе 14 меча овој тим нема пораз, а одлично игра и во квалификациите за пласман на Европското првенство 2020. Стадионот „Фадиљ Вокри“ е актуелниот националн стадион на Косово, но тоа во иднина треба да биде променето.
Во Музејот на Косово денеска е претставен проектот „Национален стадион“, кој треба да биде на подрачјето на Дренас кое е на 40 километри одалечено од Приштина.
На промоцијата учествуваа министерот за спорт Кујтим Гаши, Претседателот на фудбалската федерација на Косово Агим Адеми, претседателот на Косовскиот олимписки комитет Бесник Хасани и уште други видни личности. Министерот Гаши вели дека ова е капитален проект и најголема инвестиција во земјата.
„Верувам дека постигнавме проект кој ќе ги задоволи потребите на нашите спортисти. Денеска го преставуваме проектот на стадионот кој треба да биде изграден во близина на аеродромот и во близина на автопатот. Најдалечното место од стадионот, до било кој дел од Косово ќе биде помалку од еден час, што значи дека сме ја одбрале вистинската локација“, вели министерот Гаши.
Изградбата на стадионот е планирана да започне во текот на оваа година.