Косово нема да се штеди против Данска

Косово е противникот на Македонија против кој следната година „црвено-жолтите“ ќе го играат можеби најзначајниот меч во досегашната историја. Тоа ќе биде дуел од полуфиналето на плејофот во Лигата на нациите, а победа ќе значи само чекор до пласман на Европското првенство во 2020 година.

Додека се чека тој историски дуел, и Македонија и Косово ќе се фокусираат на квалификациите за ЕП 2020. Нашата репрезентација утре во Скопје игра против Летонија, а Косово ќе игра пријателски меч против Данска. Неколку дена подоцна стартуваат и квалификациите за нашиот северен сосед, и тоа со мечот против Бугарија.

Голманот на Косово, Самир Ујкани, вели дека нивната репрезентација нема да ги штеди силите ниту за мечот против Данска, иако е од пријателски карактер.

„Не верувам дека ќе тактизираме и дека ќе ги чуваме силите. Данска е многу силна и задоволство е што дојдоа тука да играат против нас. Ќе го дадеме најдоброто од нас на овој дуел“, вели Ујкани.

Чуварот на мрежата на Косово е оптимист и кога се работи за квалификациите.
„Што се однесува за групата во квалификациите, треба да бидеме реални. Имаме талент, но екипата уште созрева. Може да ги изненадиме противниците, но мора да имаме и среќа. Се надевам на резултати кои ќе ги радуваат нашите навивачи“, додава Ујкани.

- Оглас -

Најнови вести