Косовски репрезентативец направи квадрапл-дабл

На натпреварот од косовското првенство помеѓу Приштина и Бореа, кошаркарот Ваљон Буњаку направи нешто што ретко се гледа на паркетите, а тоа е квадрапл-дабл, во четири различни статистички категории имаше двоцифрена бројка.

Репрезентативецот на Косово, кој има 21 година, а на втори декември настапи и во Гевгелија на гостувањето кај Македонија, на гостинскиот меч во Пеќ против Бореа имаше придонес од 21 поен, 21 асистенција, 12 скока и 12 украдени топки. Приштина во нерамноправен меч победи со 140:52, но иако ривалот беше слаб, достигнувањето на Буњаку е феноменално, особено во делот на асистенциите и украдените топки.

Индексот на корисност му беше 53, а бидејќи го играше целиот меч, со него на теренот екипата имаше разлика од плус 88 поени. Буњаку го искористи неиграњето на главните ѕвезди кај Приштина, ја презеде лидерската улога и практично сам го растури противникот.

- Оглас -

Најнови вести